Македонскиот ракомет пред историски исчекор, може да имаме шест тима на европската сцена!

ФОТО: РК Вардар

Македонскиот ракомет е на прагот на историски успех – првпат досега дури шест машки клуба би можеле да ја претставуваат нашата земја во европските купови под капата на ЕХФ. Со тоа, 2024/25 може да стане најуспешната сезона во европските настапи на мак-ракометот.

Првото парче од сложувалката го постави Еурофарм Пелистер, кој доби „вајлд-карта“ за Лигата на шампионите. Битолчани ја исполнија својата цел и повторно ќе се најдат во друштвото на најдобрите клубови на Стариот континент.

Ова автоматски значи и бонус за Вардар 1961, кој сега директно ќе биде дел од групната фаза на Европската лига, без потреба од квалификации. Покрај нив, се очекува и РК Алкалоид да добие свое место – дали преку квалификации или директно во групите – откако веќе докажа дека е клуб со потенцијал, освојувајќи го ЕХФ Купот, а тоа за тимот од Автокоманда предводен од ракометната икона Кирил Лазаров прв европски трофеј.

Новата шанса за Алкалоид би отворила врата и за ГРК Охрид, кој би влегол во второто коло од Европскиот куп, што значително ја зголемува нивната шанса за европска афирмација.

Дополнително, Тиквеш и Бутел Скопје, петтиот и шестиот тим од домашниот шампионат, исто така испратија барања за вајлд-карти за настап во ЕХФ Купот. Во нивна корист оди и фактот што трофејот од ова натпреварување сезонава дојде токму во Македонија, што им дава дополнителен аргумент пред ЕХФ.

Доколку сите апликации бидат одобрени, Македонија ќе има шест свои преставници во европските купови – рекорд кој ќе биде доказ за константниот раст и квалитетот на македонскиот ракомет на меѓународната сцена.

Александар Ванев, М-Нет