
Во сабота на програмата ќе бидат натпреварите од 18. коло на Втората македонска фудбаска лига, а ова рунда ни го носи и дербито за Прва лига меѓу Башкими и Арсими.
Директно соочување на две екипи кои претендираат за второто место и директен влез во Прва лига. Соочување на Башкими кој е трет со 36 бодови и на Арсими кој е четврти со 33 бодови.
Каменица Саса како домаќин во Турново ќе ја пречека штипска Брегалница, во меч каде „рударите“ максимално мотивирани ќе атакуваат на нова победа, овој пат против „сините“ од Штип. Саса е максимално мотивирана за победа со цел да врати за тој несреќен пораз во Штип, а пак Брегалница нема право на грешка, бидејќи може да го загуби второто место, затоа притисокот ќе биде кај Брегалница.
Новаци и Борец во соочување каде домаќинот со триумф ќе го потврди опстанокот, а пак велешани освен пораз не гледаат друга шанса, бидејќи ќе имаат повеќе од тешка борба за директен опстанок.
Охрид на домашен терен ќе бара прва пролетна радост против Беласица, каде трите бодови им се императив и на двете страни за прегрес на табелата. Осогово го игра првиот пролетен меч на домашен терен против Кожуф, каде „жетварите“ со психилошки тежок притисок ќе мораат да бараат три бодови, ако сакаат опстанок.
Екипата на Победа на домашен терен ќе се соочи со Македонија ЃП во соочување на два поранешни прволигаши. Прилепчани играат според посакуваното во пролетниот дел, а против лидерот на табелата ќе бараат барем бод, а пак „лавовите“ ќе бараат победа после поразот на Башкими.
Вардар Неготино на домашен терен ќе има нова шанса со поддршка од публиката да забележи победа против Скопје, победа која за тимот од Неготино ќе значи речиси и сигурен опстанок.
Вардарски на домашен терен ќе игра против Детонит Плачковица со надеж и за први пролетни бодови, квалитетот е на страната на радовишани и фаворитската улога ја има тимот од Радовиш. Вардарски е прв кандидат за испаѓање во Трета лига – Исток.
Натпреварите ќе започнат во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет