
Остра реакција од заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, поради случај на кражба на дрва во момент кога стотици луѓе се борат со големите пожари во околината на Штип.
Михаилов преку објава на социјалните мрежи реагира дека додека од едната страна на експресниот пат Штип–Радовиш луѓе од Штип, Струмица, Свети Николе, Кавадарци, Кочани, Берово и други градови се борат со пламените јазици за да го спасат селото Селце и околината, од другата страна се случувала кражба на дрва.
„Срамно, но вистинито! Ги фативме, но срамот останува како белег“, пишува Михаилов.
Тој во својата реакција ги поврзува случајот со дрвокрадците и пожарите во близина на Селце, наведувајќи дека претходно биле фатени и приведени двајца потенцијални подметнувачи на пожарот.
„Сите вие, двајцата пиромани и тројцата дрвокрадци по потекло од Штип и околината сте срам за Штип и срам за Македонија“, додава заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“.
Михаилов упатува и поширока критика кон сите оние кои, како што наведува, ја уништуваат природата и ја ограбуваат државата, оценувајќи дека токму ваквото однесување придонесува Македонија да се наоѓа во тешка состојба.
Неговата порака до сторителите е директна и остpa – во моменти кога луѓе се борат да ги спасат шумите, домовите и населените места од огнената стихија, секое уништување и незаконско користење на шумското богатство е дополнителен удар врз природата и заедницата.