Се уредуваат тротоарски површини во населба Сењак 4, граѓаните задоволни

Вчера во Дузлак, денеска активностите за уредување на тротоарските површини продолжуваат во населбата Сењак 4. Опфатени во наредниот период ќе бидат неколку улици во оваа населба кои повеќе од 40 години нема тротоар. Градоначалникот, Иван Јорданов посочи дека ова е по барање на жителите и се решаваат дел од нивните потреби.

„Се наоѓаме во населба Сењак 4 и во оваа населба дојде ред да се започнат активности со кои најпрво ќе се уредат тротоарските површини на улицата „Митко Недев“, а потоа и на улиците „Ванчо Китанов“ и улица „Сајбие Демир“. Оваа населба откако е изградена пред повеќе од 40 години нема уредени тротоари. По барање на жителите е предвидено во првата фаза“ – вели Јорданов.

Издвоени се повеќе од неколку милиони денари за тротоарските површини на улицата „Митко Недев“, а дополнителни пари ќе има за останатите улици кои во наредниот период ќе бидат опфатени. Јорданов посочи дека во сите населби ќе има активности на терен и уредување на неискористени и запуштени места.

„Влезени се екипи кои следните неколку недели ќе работат, а јас верувам дека полека но сигурно сите запоставени места во нашиот град ќе дојдат на ред за уредување. Повеќе од неколку минилиони денари ќе бидат потрошени од парите на граѓаните за овие активности кои се предвидени овде“ – додава Јорданов.

Задоволни од она што се работи на терен се и жителите. Велат по повеќе од 40 години и нивната улица ќе добие соодветни тротоари.

Активности на терен има во речиси сите населени места во Штип, интезивно се работи со цел урбанизација и модернизација на градот.

Лаура Стојанова М-Нет