Амбуланта за васкуларна хирургија официјално се отвора и во штипската Клиничка болница

Амбуланта за васкуларна хирургија од денеска официјално има и во КБ Штип. Во текот на вчерашниот ден е потпишан договорот со Универзитетската клиника за Тораковасуларна хирургија и штипската Клиничка болница, со што доктор специјалист по васкуларна хирургија ќе врши прегледи во штипската болница. Пациентите ќе имаат можност да закажуваат термини преку „Мој термин“ и соодветно да бидат прегледани од васкуларниот хирург Мишел Андов.

„Вчера и официјално беше завршен договорот меѓу Универзитетската клиника Тораковаскуларна хирургија и Клиничка болница Штип. Доктори од таму ќе доаѓаат и ќе вршат преледи во прв чекор и во КБ Штип. На „Мој термин“ ќе се отвори и амбуланта и ќе има термини за прегледи од васкуларен хирург. Колку пати месечно ќе доаѓа и колку долго дополнително ќе биде договорено“ – вели Захариев.

Претходно сите пациенти кои имаа проблеми со запушени вени и слично беа праќани за Скопје, бидејќи во Клиничка болница Штип, немаше васкуларен хирург. Ова се воведува за првпат со цел да им се излезе во пресрет на пациентите од Штип и регионот, да не мора за преглед да трошат пари и време и да одат за Скопје.

„Претходно пациентите одеа за Скопје. Сега за сега прв чекор е прегледи консултативни да се вршат за понатамошни додијагностики или евентуален третман.“ – додава Захариев.

Васкуларната хирургија претставува посебна област од хирургијата која ги третира васкуларните заболувања односно хируршките болести на крвните садови, артериите и вените.
Во зависност од кој дел е зафатен соодветна ќе биде и клиничката манифестација на заболувањето.

Ова за штипската Клиника болница е од големо значење, потенцира директорот Захариев, надевајќи се дека ќе бидат зголемени термините од страна на васкуларниот хирург.

Лаура Стојанова М-Нет