
За линиите, возниот ред и цените за користење на општинскиот линиски превоз граѓаните од денеска ќе може да се информираат и преку информативни брошури. Истите денеска беа поделени на граѓаните на Градскиот пазар, а во текот на следните денови ќе се поделат на повеќе локации во градот. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, посочи дека по повеќето консултации и корекциите, ова е конечната верзија во однос на спроведувањето на превозот и потребно е граѓаните соодветно да се информираат за истата.
„Во овој период ние не брзавме со промотивни материјали за да не создадеме дополнителна конфузија кај граѓаните. Сега кога имаме една финална состојба, започнуваме со делење на информативни брошури на коишто ги има сите најважни информации за граѓаните, како табелите со возните редови, мапите од активните линии и ценовникот на општинскиот линиски превоз. Во следните денови активно ќе делиме на повеќе локации во градот на штандови, ќе делиме во автобусите, во училиштата, факултетите, во Бањата, на Градскиот пазар и во сите други институции во градот“, вели Стефановски.
Најпопуларна линија за патниците е линијата која сообраќа од Трговскиот центар до населбата Баби и обратно. Меѓутоа, интерес има и од населбите Дузлак, Чардаклија и Три чешми.
„Дефинитивно, јавниот превоз е користен од страна на нашите сограѓани, што ме радува, затоа што веќе неколку месеца автобусите сообраќаат во сите населби во нашиот град и ме радува фактот дека има голем интерес за користење на градскиот линиски превоз. Ова коешто денес го практикуваме е со цел да ги информираме граѓаните, што, се надеваме, ќе придонесе да имаме уште повеќе патници“, додава Јорданов.
За општинскиот линиски превоз граѓаните може да се информираат и на „фејсбук“-страницата на јавното претпријатие, официјалната веб-страница jps.mk или преку информативните табли кои се поставени на секоја од автобуските постојки.
Ребека Спасова М-Нет