
Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на државата поради зголемената опасност од пожари на отворен простор и шумски пожари.
Кризната состојба ќе важи 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година, а целта е навремено, координирано и ефикасно справување со пожарите, како и максимална мобилизација на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните богатства.
Со владината одлука ќе биде активиран Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе заседава постојано. Во рок од 24 часа треба да изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции.
Истовремено, Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно прописите за управување со кризи и целосно да ги стават на располагање своите капацитети за побрза и поефикасна реакција на терен.
Од Владата истакнуваат дека оваа одлука претставува проактивен чекор за целосна мобилизација на институциите во насока на заштита на граѓаните, животната средина и националните ресурси од заканата од пожари.