Поради зголемениот ризик од пожари, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба

На денешната седница, Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија, поради зголемените ризици и опасности од пожари на отворен простор и шумски пожари, во времетраење од 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година.

Одлуката е донесена со цел навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата на терен, како и максимално мобилизирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси. Во рамките на донесената одлука се предвидува активирање на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и во рок од 24 часа ќе изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции.

Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно со прописите за управување со кризи и во целост да ги стават на располагање своите капацитети, со цел навремена и ефикасна реакција на терен.

Оваа одлука, како што информираа од Владата, претставува потврда за нејзината определба да постапува проактивно, со целосна мобилизација на институциите и со јасна одговорност во заштитата на граѓаните, животната средина и националните ресурси.

Текстот Поради зголемениот ризик од пожари, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба е превземен од МАКФАКС.