Пензионерите од денеска секој петок бесплатно ќе го користат општинскиот линиски превоз во Штип

Пензионерите секој петок бесплатно ќе може да се превезуваат со општинскиот линиски превоз кој сообраќа на територијата на општина Штип. За ова денеска информираше градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека на ваков чекор се одлучиле поради тоа што пензионерите се најпогодени од кризата и високите трошоци, а имаат и ниски примања. Бесплатни за нив ќе бидат сите линии кои го опфаќаат централното градско подрачје и населбите во градот и приградските населби, засега само на територија на општина Штип, односно во моментов ова нема да ги опфати пензионерите од населените места во Карбинци.

„Сакам да ја информирам јавноста, затоа што веќе одлучивме секој петок да биде бесплатен ден за превоз на сите пензионери, имајќи предвид дека пензионерите се како наши сограѓани најмногу погодени од инфлацијата којашто владее во нашата држава, покачувањето на цените на основните продукти и самата инфлација придонесе да направиме финансиска анализа согласно со која одлучивме секој петок да биде бесплатен за сите пензионери на територија на општина Штип“, информираше градоначалникот, Иван Јорданов.

Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски, најави дека вакви и слични олеснувања ќе има и за други категории граѓани.

„Освен петок – бесплатен ден за пензионерите, размислуваме за дополнителни олеснувања и за други категории на граѓани, за што навремено ќе бидете информирани во следниот период“, најави директорот Стефановски.

Пензионерите бесплатниот превоз во петок ќе може да го користат со приложување пензионерско картонче или друга пензионерска легитимација. Досега општинскиот линиски превоз беше бесплатен за децата до пет години, лицата со попреченост и инвалидитет и за сите ученици.

Ребека Спасова М-Нет