Италијанско-американската компанија „Брера Холдингс“ го потврди купувањето на Академија Пандев

Македонскиот прволигаш Академија Пандев има нов сопственик. Италијанско-американската компанија „Брера Холдингс“ го потврди превземањето на струмичкиот прволигаш.

Италијанско-американската компанија „Брера Холдингс“ има за цел да инвестира во клубови од Африка и Јужна Америка, а Академија Пандев да биде како отскочна даска на талентираните фудбалери кои би добиле подобри шанси за трансфер во поголем клуб во Европа.

Академија Пандев е формирана од страна на струмичката легенда и најдобар македонски фудбалер на сите времиња Горан Пандев во 2010 година, прво како младинска школа, а потоа клубот кој од најнизок ранг на натпреварување стигна до Првата македонска фудбалска лига.

„Ова е примерот на Брера Холдингс за имплементација на својата меѓународна стратегија, која паралелно ќе форсира ширење и промоција на брендот Брера во Источна Европа. Со купувањето на Академија Пандев и ребрендирањето во Брера планот е да се зголеми тимскиот напредок, а местото е идеално за да се подготват фудбалерите за меѓународниот пазар и да се остварат приходи од настапите во УЕФА“, се вели во соопштението од „Брера Холдингс“.

Најголем успех за „пандевци“ е освојувањето на Купот на Македонија во 2019 година кога за првпат Академија Пандев излезе во Европа. Минатата сезона Академија Пандев беше вицешампион, откако сезоната ја заврши на второто место на табелата веднаш зад шампионот Шкупи и по вторпат обезбеди излез во Европа.

В недела започнува пролетниот дел од Првата македонска фудбалска лига, а Академија Пандев полусезоната ја отвара против Македонија Ѓорче Петров на гостински терен со речиси целосно „ремонтиран“ тим и со една цел – директен и сигурен опстанок во фудбалската елита на Македонија.