
Денес се отвара пролетната полусезона од Втората македонска фудбалска лига со натпреварите од 16. коло. Дерби од дното на табелата се игра во Виница каде Слога и Борец ќе се соочат во меч од огромно резултатско значење и за двете екипи на патот кон опстанокот во Втората лига.
Дербито во Виница ќе може да го следите во ЖИВО ексклузивно на телевизија М Нет со почеток од 14:00 часот.
Засилената Слога на домашен терен во Виница против велешки Борец ќе ја започне мисијата за опстанок. Домашниот тим е голем фаворит за трите бодови, а „ремонтираниот“ Борец со нова управа и нов стручен штаб ќе се обиде да ги освои првите бодови во Втората лига, откако ланскиот прволигаш во текот на цела полусезона не успеа да освои ниту еден бод и есенскиот дел го заврши на дното од табелата со нула бодови и 15 порази.
Слога ангажираше неколку квалитетни засилувања преку кои ќе се обиде да одигра далеку подобра полусезона и да впише што е можно повеќе бодови на своето конто. За Борец секој натпревар ќе биде бараж меч за опстанок, да кажеме финале, бидејќи е најсериозен кандидат за испаѓање во Трета лига – Југ. Секој гол, секој бод, секој триумф ќе биде голем успех за Борец, а колку порано се обезбедат бодови, толку поголеми ќе бидат шансите Борец да го задржи второлигашкиот статус.
Во Виница главен судија ќе биде Марјан Младеновски од Скопје.