Вардар гостува во Виница кај Слога – меч кој ќе го гледате во ЖИВО на М Нет, Саса го предизвикува Детонит Плачковица

Денес на програмата се натпреварите од 11. коло од Втората македонска фудбалска лига.

Во Виница е фудбалски празник, гостува најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, кој ќе игра против домаќинот Слога. Лидерот Вардар е апсолутен фаворит за нов триуф и три бода, против Слога, која по десет кола се разбуди и го запиша вториот сезонски триумф, а најмногу заслужен за тоа е новиот тренер Крсте Крстев.

Гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност во живо да го следат дуелот од Виница, каде Слога ќе брка изненадување против лидерот Вардар, кој во Виница доаѓа како голем фаворит за трите бодови.

Беласица на домашен терен ќе игра против Тетекс во меч каде трите бодови ќе бидат голем императив и за едните и за другите. Беласица има притисок за четврти сезонски триумф и со тоа да направи прогрес на табелата. Откако се виде дека струмичани се далеку од конкурентни за местата кои водат во ПМФЛ, Беласица ќе игра за чест и за што подобар пласман во тековната сезона. Од друга страна, Тетекс е во длабока резултатска криза, па така „штофарите“ на последните пет натпревари нанижаа пет порази и со тоа се спуштија во зоната за директно испаѓање во Трета лига, поточно се наоѓаат на претпоследното место на табелата, а во Струмица патуваат со сериозен притисок за победа.

Беса на домашен терен ќе се соочи со Охрид во меч каде и двете екипи сакаат победа. Беса игра во променлива форма и се наоѓа на седмата позиција на табелата со 14 бодови, додека пак Охрид, кој тргна лошо во новата сезона, се разбуди и нанижа пет последователни победи и со тоа се искачи до шестото место на табелата со 19 освоени бодови и прави притисок за местата кои водат во ПМФЛ.

Инаку, Охрид е единствениот второлигаш кој на последните пет натпревари има пет победи во низа.

Каменица Саса на домашен терен ќе се судри со Детонит Плачковица од Радовиш. Кормиларот на радовишани, Горан Здравков многу добри ги познава „рударите“, бидејќи е поранешен тренер на Саса, а од друга страна тренерот на Саса, Љупчо Димитковски – Гањо е поранешен тренер на радовишани.

Детонит Плачковица е најдобриот второлигаш на Истокот во моментот со 20 бодови се наоѓа на делба на четврото место заедно со Пелистер, додека пак сите останати второлигаши од Истокот, меѓу кои и Саса, менуваат тренери и се борат за опстанок.

Караорман на домашен терен сака продолжување на позитивната серија резултати против фаворитот Пелистер. Битолчани во Струга ќе допатуваат со притисок кој значи дека немаат право на грешка, бидејќи во спротивно конкурентите за ПМФЛ ќе направат повторно посериозна бодовна разлика.

Стружани со три победи, едно реми и еден пораз на последните пет натпревари се искачија на делба на седмата позиција со 14 освоени бодови и целат кон нов позитивен резултат.

На Западот ќе гледаме соочување на Гостивар и Арсими, во меч каде домаќинот ќе биде голем фаворит против новајлијата во Втората македонска фудбалска лига.

Локомотива Пехчево и Борец ќе го одиграат дербито од дното на табелата во натпревар каде и двете екипи под силен притисок посакуваат победа и три бодови. Локомотива нанижа два последователни порази и се спуши на 14-тото место на табелата, а пак Борец е последен без ниту еден позитивен резултат односно со 10 порази на десет натпревари, па денес силно ги посакува првите бодови и со тоа да влезе во сериозна трка за опстанок.

На „Билјанини Извори“ во Охрид ќе се соочат Воска Спорт и Кожуф од Гевгелија. Охриѓани во минатото коло го запишаа првиот сезонски пораз од Вардар и од прво место се спуштија на третото место на табелата, додека пак Кожуф направи промена на тренерското столче и утре во Охрид ќе атакуваат на позитивен резултат против фаворитот за ПМФЛ.

Сите натпревари ќе започнат во 13 часот.