Дербито во Кочани меѓу Осогово и Брегалница Делчево во ЖИВО на М Нет, Тиверија на дерби со Рудар

Утре на програмата се натпреварите од деветтата рунда од Третата македонска фудбалска лига – Исток.

Телевизија М Нет од пред две недели започна со пренос во живо на натпреварите од Третата македонска фудбалска лига, па така, утре, гледачите на нашата телевизија ќе имаат во можност да го следат во живо дербито во Кочани меѓу ланскиот второлигаш Осогово и Брегалница од Делчево.

„Жетварите“ од Кочани на себе ќе ја имаат фаворитската улога за трите бодови, која доколку биде оправдата ќе значи голем исчекор на патот кон баражот кој води во Втора лига, од друга страна Брегалница ќе допатува растеретена од резултатски притисок по прва сезонска победа на гостински терен.

Брегалница по осум одиграни кола има само еден бод од гостински терен (против Карбинци 0:0), па во Кочани оди по поправање на овој впечаток и до прво гостинско славје против Осогово, кој важи за главен фаворит за враќање во Втората македонска фудбалска лига.

Вардарски на домашен терен проти Карбинци ќе се обиде конечно да го запише првиот сезонски триумф и со тоа конечно да ги израдува своите навивачи. Третолигашот од Богданци по долги години се врати во третолигашкото друштво, но по осум одиграни кола се наоѓа на дното од табелата со само два освоени бодови. Карбинци во Богданци патува со можност дома да се врати со позитивен резултат.

Во Струмица на Општинското фудбалско игралиште со вештачка трева ќе се одигра дерби дуелот меѓу третопласираната Тиверија и четвртопласираниот Рудар од Пробиштип.

Тиверија брзо сака да го заборави поразот од Овче Поле во Свети Николе (3:0) од претходното коло и против Рудар ќе бара враќање на победничкиот пат. Од друга страна „рударите“ сакаат шесто сезонско славје со цел да ги зголемат шансите за напад на врвот од табелата.

Победа на Градскиот стадион во Валандово ќе го пречека актуелниот шампион Овче Поле. Гостите од Свети Николе минатата сезона завршија на врвот од табелата, но во баражот за Втора лига беа поразени од Арсими и останаа третолигаши, па доколку сакаат нов бараж за ВМФЛ, ќе мора во Валандово да дојдат до нови три бода и со тоа да прават притисок кон лидерот Осогово од Кочани.

Малеш против Академија Чешиново-Облешево сака продолжување на победите, откако во претходното коло славеше над Спартмани во Градско Балдовци (2:3). За новајлијата во ТФМЛ – Исток се освен пораз ќе значи позитивен резултат.

Дојранско Езеро и Спартмани ќе имаат свое соочување во Нов Дојран, во меч каде и двете екипи сакаат три бодови за прогрес кон средишниот дел од табелата.

Сите натпревари ќе започнат во 13 часот, освен дербито во Струмица меѓу Тиверија и Рудар, кое ќе започне еден час подоцна односно во 14 часот.