
Заврши едногодишниот мандат на претседателот на Советот на ИПР, Иван Јорданов. На денешната седма седница која се одржа во Пробиштип за нов претседател едногласно беше избран градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов. Освен ова, на дневниот ред на седницата беше и донесување извештаи за проектите од 2021 година, но и дискусија за проекти коишто ќе се реализираат во 2023 година. Општините од Источниот Регион ќе може да постават и хидроцентрали на река Брегалница.
„Со едногласна одлука и еден единствен предлог како нов претседател на Советот на ИПР е избран градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов. Исто така, се дискутираше и се проследи информацијата за реализацијата на проекти од програмата за 2021 година, се донесе одлука за започнување форуми за реализација на проекти од програмата за 2023 година. Она коешто е значајно да се напомене е дека имавме излагање и информација за можноста за поставување мали хидроцентрали долж коритото на река Брегалница, којашто тече низ целиот ИПР“, истакна Јорданов.
За третирањето и прскањето на комарците, градоначалниците иако дискутираа, сѐ уште не дефинираа заклучок. Едногласни се дека регионалното прскање ќе биде поефективно, но уште не се знае дали истото ќе се спроведува или, како и досега, секоја општина сама ќе го планира.
„Се разговараше и за заедничко регионално прскање против комарци, нешто коешто во изминатиов период го начнавме како проблем. Останува во наредниот период да донесеме финални заклучоци за тоа какво ќе биде третирањето и прскањето против комарци оваа година, дали заедно како регион ќе бидеме вклучени или како и досега секој поединечно. Констатациите беа едногласни, односно дека е потребно заедничко третирање за поголеми ефекти од прскањето“, додаде Јорданов.
Промената на претседателот на Советот е со измената на Законот, според кој претседателот се избира од редот на градоначалниците со мандат од една година без право на повторен избор во тековниот мандат.
Ребека Спасова М-Нет