Граѓаните и правните субјекти може да постават фотоволтаици само со известување, без одобрение

Само со известување, без административни постапки граѓаните и деловната заедница ќе може да постават фотоволтаици на своите објекти. Ова се законските измени од Законот за градење, кои стапија на сила, а кои се дел од низата мерки за поддршка во услови на најголемата светска енергетска криза. На овој начин се поедноставува процедурата за поставување фотонапонски електроцентрали, и тоа до шест киловати за домаќинствата и 40 киловати за компаниите. Ова министерот Бочварски потенцираше дека е од клучно значење.

„Тоа е од исклучително значење, бидејќи не треба да чекаат никакви административни процедури во општинските администрации, односно само да достават своја лична карта и да достават основен проект и имотен лист од својот објект со цел да постават фотонапонски електроцентрали на својот кров и, секако, правните лица на својот објект. Со ова помагаме на државата во енергетската криза, но и на самите себеси со намалување на сметките за електрична енергија“, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а со измените се предвидува и посебна постапка за поставување фотонапонски електроцентрали од страна на потрошувачи-производители, кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа. Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори.

Ребека Спасова М-Нет