
Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип денес го одбележа својот патронен празник. На пригодната манифестација пред бистата на народниот херој, Славчо Стојменски, беше промовирана и новата химна на училиштето изведена од училишиот хор, дел од учениците и наставничкиот кадар споделија и информации за животот и делото на Стојменски, при што имаше и рецитал.
Стојменски е роден како петто дете во сиромашно и работничко семејство и основното и средното гимназиско образование ги завршува во Штип. Бил одличен ученик, а активно се вклучил и во политичките активности чии почетоци се поврзани со дружењето со Ванчо Прќе. За народен херој бил прогласен на 11 октомври 1953 година со одлука на претседателот на Федеративна Република Југославија, Јосип Броз Тито.

„Денес одбележуваме 101 година од раѓањето на нашиот патрон Славчо Стојменски, чие име нашето училиште гордо го носи од 1953 година, кога овој визионер, идеолог и револуционер е прогласен за народен херој. Историјата на напатениот, но горд, слободољубив, храбар народ е полна со благородни и смели личности, таква личност е нашиот херој Славчо Стојменски“, истакна Сашко Богатинов, професор.
Настанот заврши со положување свежо цвеќе од страна на менаџерскиот тим на училиштето, градоначалникот на Општина Штип, претставници од Советот и претставници од Сојузот на борци.
Ребека Спасова М-Нет