Ќе се реконструираат фасадата и азбестниот кров во ООУ„Тошо Арсов“ во Штип

Во текот на наредните денови во ООУ „Тошо Арсов “ во Штип ќе започне нова активност во однос на инфраструктурата на објектот.

Станува збор за санација и реконструкција на целата фасада на зградата на училиштето и на спортската сала и, она што е уште поважно, санација и реконструкција на целиот кров, кој е со азбестна конструкција.

Директорката на ова училиште, Фросина Маџарова, истакна дека оваа најнова инвестија е од огромно значење, токму поради вадењето на азбестот, кој е штетен по здравјето на децата.

Со последните интегрални инспекции во нашиот училишен надзор, секогаш беше укажувано на истото тоа, дека треба таа да биде променета. Еве сега, за неколку денови се започнува со работа, со демонтажа и монтажа на нов кров, по сите стандарди, и термоизолациона фасада, којашто ќе даде нов лик и подобри услови за работа. Со замената на прозорците и фасадата, верувам дека ќе имаме топлотна, максимална заштита на учениците  – истакна Маџарова.

Инвестицијата е во вредност од над 650.000 евра, обезбедени од страна на Министерството за образование  и наука и според градоначалникот Благој Бочварски, ова е еден од најголемите проекти во реконструкцијата на основните училишта.

Граѓаните и те како треба да бидат задоволни од овие наши инвестиции, коишто ги имаме во нашите образовни институции и јас сум многу среќен затоа што и Владата ги препознава ваквите проекти и дава поддршка во реализација на ова што значи реконструкција на фасада, прозорци, кров, плато и т.н. Верувам дека може да се примети што значи да се инвестира во образованието, да се сака образованието и да се создадат едни подобри и помодерни услови за образование во нашиот град – изјави градоначалник на Општина Штип, Благој Бочварски.

Ваков вид на инвестиции подлго време не се случиле, истакна Билјана Казанџиска од секторот за образование и ЛЕР во општината и изрази надеж, дека сите училишта во иднина ќе добијат вакви инвестиции, со промена на кровови и термо-изолациони фасади. Нареден проект за кој ќе се аплицира во Фондот за капитални инвестиции е замена на кровна конструкција во ООУ „Гоце Делчев“, најави Казанџиска.

И таму ни е потребна промена на кровната конструкција, така што сите училишта ќе имаат еден нов, современ лик, училишта што прилегат на 21 век. Во останатите училишта, во училиштето „Ванчо Прке“ е променет, а гледате вие секојдневно дека во изминатите две ипол години постојано се инвестира, гледате дека има промена на санитарни јазли во сите училишта, реконструирани дворови, реконструирани спортски сали – потенцираше Казанџиска.

Претходно во ООУ „Тошо Арсов“ се инвестирало во замена на прозорците, поставување заштитна ограда и асфалтирање на улицата пред училиштето.

За тие активности, Бочварски рече дека во изминатите две ипол години, биле инвестирани  околу 860.000 евра.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ