Ќе се вработат 33 лица во КБ Штип, а недостасуваат 130, недостиг има на сите оддели

Од потребните 550 вработени, Клиничка болница Штип во моментот има вработени само 420 лица. Тоа значи дека се јавува недостиг на вработени и тоа за 130 лица. Периодов се разговара со министерството за здравство со цел да се вработат нови 33 вработени, кои нема да бидат доволни, но се повеќе од потребни. Новиот директор на штипската Клиничка болница, доктор Владко Захариев посочи дека до крајот на неделата заменик министерот за здравство треба да острави посета во штипската болница, и да се откочи процесот со кој ќе можат да се вработат нови лица. Недостиг на кадар има на сите оддели.

„Недостиг има. По систематизација во КБ Штип треба да има 550 вработени, а фактичнката состојба покажува дека ние имаме 420. Значи 130 вработени ни недостигаат. Тие 33 се многу мала бројка но мислам дека ќе бидат доволни за некаде алармантно каде што треба. Анестезиолозите се дефицитарни, тројца имавме, до пред десет дена беа двајца.“ – вели Захариев.

Дополнително докторите од штипската болница имаат договори за соработка со помалите здравствени установи каде одат на помош. Ова е заради фактот дека недостиг има и во останатите болници, а треба да бидат опслужени соодветно сите пациенти.

„Нашите специјалисти од цела клиничка болница имаат договори со помалите здравствени установи за соработка„ – додава Захариев.

Последните вработувања во штипската клиничка болница Штип беа кон крајот на минатата година, а требаше во меѓувреме да има и нов конкурс за вработување. Реалната состојба минатата година покажа дека има доволно заинтересиран медицински кадар кој би можел да се вработи во болницата. За тоа говори фактот дека за 16 слободни места лани се пријавија дури 61 лице.

Лаура Стојанова М-Нет