Ќе има „есенска“, „предновогодишна“, „пролетна“ кошничка со цел намалување на цените на производите

Есенска, предновогодишна, пролетна кошничка ќе има во наредниот период се со цел да се намалат цените на основните прехрамбени производи. Премиерот, Хрстијан Мицковски, денеска истакна дека со намалување на цените на најбараните производи во одреден период од годината, ќе се намали стапката на инфлација и со тоа подобро ќе се влијае врз стандардот на граѓаните.

„Во периодот кој следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните, ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден вид на производи кои се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме и пролетна кошника итн. Во зависност од тоа каква ќе биде потребата на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните“ – вели Мицковски.

Додава дека е задоволен од стапката на инфлација во месец август оваа година споредбено со истиот период лани, додавајќи дека цените на производите се стабилизираат.

„Сакам да кажам дека сум исклучително задоволен што тапката на инфлација во август месец на годишно ниво е 2,2% во однос на август месец минатата година. Ова преставува еден навистина добар резултат имајќи во предвид што се случува во регионот. Полека, но сигурно цените се стабилизираат“ – додава Мицковски.

Последната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство во државата беше над илјада евра.

Лаура Стојанова М-Нет