
По завршувањето на репрезентативната пауза фокусот останува на последните две кола од есенскиот дел во Втората македонска фудбалска лига.
Секоја екипа има различна цел. Охрид да го сочува првото место и да биде есенски шампион, Пелистер се надева на „кикс“ на лидерот, Работнички има три бода во ракав од одложениот меч со Брера, па доколку го добие има простор и за есенски шампион, но ќе треба Охрид да губи бодови, значи „рибарите“ зависат сами од себе да бидат есенски шампион.
Осогово и Еуромилк се надеваат да освојат бодови со цел да имаат полесна пролет во борбата за опстанок, додека пак Новаци, Детонит Плачковица, Кожуф во трката да останат сигурни во средината од табелата.
Викендот се играат мечевите од 12. коло, а дербито на колото ќе биде на „Билјанини Извори“ каде ќе се соочат Охрид и Беласица, Пелистер ќе го пречека Тетекс, Работнички против Новаци, Брера ќе биде домаќин на Кожуф. Дуел од средината на табелата за златни бодови ќе играат Македонија ЃП и Детонит Плачковица, а пак Осогово не смее да погреши против Шкупи, „жетварите“ имаат идеална шанса за втора сезонска победа, а се освен триумф ќе биде неуспех за тимот од Кочани во трката за опстанок.
Колото се затвара во недела со дуелот меѓу Камјани и Еуромилк ГЛ.
Последната есенска рунда ќе се игра на 28 ноември.
Александар Ванев, М-Нет