Обиколницата од Железничка преку Пребег до Плуждино ќе ги поврзе двата влеза на Штип

Ќе се поврзат двата влеза на градот Штип со изградбата на обиколница од населбата Железничка, преку Пребег до викенд населбата Плуждино. Со овој проект општината аплицираше на владиниот повик за искористување на 100 милиони евра наменети за инфраструктурен развој. Новата сообраќајна артерија ќе овозможи урбанизирање на овој дел од градот кој сега е запуштен и се користи како дива депонија.

„Ќе овозможи полесно поврзување на жителите од останатите населби, побрз проток на возила, но крајната цел е да се создаде развој и можност за зони за домување и индустрија, нешто што на градот му е неопходно. Перспективно планираме развој на овој дел од градот и можност за урбанизација“ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Обиколницата со која ќе се поврзат влезовите на Штип од Струмица и Скопје ќе биде во должина од речиси 3 километри и широка 13 метри. Ќе се гради по сите светски сообраќајни стандарди и според планот треба да биде готова за една година

„Општина Штип, од овие 100 милиони евра за поддршка на локалните самоуправи ја следуваат околу 2милиони евра. Затоа го прилагодивме овој проект да се вклопи во тој финансиски износ и да може во целост да се реализира. Секако дополнителни фази од реализацијата на пректот ќе бидат оставени за следната година, коишто ќе овозможат пуштање во употреба на оваа обиколница„ – вели Јорданов.

Јавниот владин повик за искористуваање на 100 милиони евра со кои ќе се овозможи инфраструктурна офанзива, е од голема важност за општините. Градоначалниците од Истокот веќе ги доставија проектите. Кочани очекува околу еден и пол милион евра за изградба на источниот влез на градот, Виница околу 640.000евра за регулирање на коритата на Градечка и Виничка река, а во Берово со помалку од половина милион евра ќе се подобрува третманот на отпадните води и патната инфраструктура.

Лаура Стојанова М-Нет