Ќе бидат поставени камери и ќе се казнува секој кои ќе фрла ѓубре во Штип

Денеска во оклината на Штип, над Миријанината црква се одржа акцијата за чистење „Генералка викенд“, во координација на Општина Штип, јавните претпријатија, Армијата, пожарникарите и општествено одговорни компании. Градоначалникот Иван Јорданов најави дека ќе бидат поставени камери и засилени контроли, а сите што фрлаат шут и отпад на недозволени локации ќе бидат санкционирани и казнети согласно законските прописи. Како што истакна Јорданов, во рамки на акцијата се расчистуваа диви депонии и големи количини отпад кои повторно се создаваат поради несовесно однесување на поединци и компании. Според Јорданов, механизацијата и во наредните денови ќе продолжи со расчистување на целиот потег околу оваа месност.

„Веќе втор ден акцијата за чистење на месност околу С.Шашаварлија и манастирот Св. Недела ословена како „Генералка викенд“ се спроведува во координација и соработка со неколку институции и општествено одговорни компании, сакам да се заблагодарам на припадниците на Армијата на Р.Македонија, на припадниците на територијалната противпожарна единица, на вработените во јавното претпријатие „Исар“, „Стипион“, општина Штип, сите оние што се вклучија и општествено одговорни компании за спроведување на оваа акција за расчистување на депониите кои ги има на месноста и на самата локација на која што се наоѓаме денес. Навистина еден сериозен проблем затоа што навиките што несовесните граѓани, неодговорните граѓани ги имаат е последователно со овие локации да бидат претворени во диви депонии. Ова не е прв пат локациите да бидат исчистени и за неколку дена повторно да се создадат овие депонии. Тоа што е наша цел во наредните денови да се продолжи со механизација, да се исчисти практично целиот нанос шут, на ѓубре, сите диви депонии кои ги има околу оваа месност, околу овој дел од градот, а веднаш потоа да бидат поставени камери, да бидат вклучени логистика од граѓански здруженија, од вработени во општина Штип, во координација со останатите институции, да се контролира оваа месност од повторно создавање на диви депонии. Сакам да апелирам до сите превозници, до сите компании, до сите не совесни граѓани кои се причинители на овие диви депонии да престанат со таквите девијантни однесувања затоа што Штип ова не го заслужува, верувам дека и посакувам законските прописи да важат и час побрзо преку механизмите кои ќе ги поставиме за контрола на оваа месност да бидат санкционирани и казнети сите оние што исфрлаат шут, ѓубре на недозволени локации. Се знае каде е локацијата за изгубрување за депонирање на отпад.“- Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип

Како што истакна Александар Арсовски, директорот на ЈП Исар, со акцијата се дава голем придонес во расчистувањето на дивите депонии и подобрување на животната средина. Тој апелираше до сите граѓани и компании што нелегално фрлаат отпад, истиот да го депонираат на градската депонија „Трештена скала“, каде што може да се прима ваков вид отпад.

„Даваме голем придонес во расчистување на овие диви депони и уште еднаш сакам да апелирам до сите причинители на на ваквите грди и немили слики дека градската депонија Трештена скала може да го прима целиот ваков отпад.“- Александар Арсовски

„Сакаме да упатиме апел дека граѓаните кои што ќе бидат фатени, односно и компаниите кои што ќе бидат фатени на лице место дека ќе бидат казнети согласно законските прописи. Законот предвидува за правните лица казна од 1000 до 1500 евра за компанијата, а 300 евра за одговорното лице во правното лице.“- Борче Везенков, општина Штип

Борче Везенков беше дециден, граѓаните и компаниите кои ќе бидат затекнати при фрлање отпад на недозволени локации ќе бидат казнети согласно законските прописи. Законот предвидува казни од 1000 до 1500 евра за правните лица, како и 300 евра за одговорното лице во компанијата.

Дајана Сандева, М-Нет