ЈП „Стипион“ од денеска започнува со казнување за неплатен и непрописен паркинг без опомени

Новиот систем за наплата на паркинг во општина Штип за 20 дена регистрираше 12.000 евидентирани прекршоци со неплатено и непрописно паркирање, информираше на денешната прес-конференција директорот на ЈП „Стипион“ –Штип, Панче Стефановски. Тој истакна дека првите денови од воведувањето на новиот систем на наплата достигнувала и бројка од 1.000 возила кои се непрописно паркирани или пак нивните сопственици не си платиле паркинг. Стефановски најави дека од денеска завршуваат со опомените и сопствениците на возилата ќе се казнуваат за неплатен паркинг и непрописно паркирање, како што се автобуските постојки.

„Од почетокот на месец април, започна да функционира новиот систем за евиденција и наплата во дејноста јавно паркирање и веќе можеме да ги забележиме почетните ефекти, евидентно е намалувањето на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и возачите за нијанса полесно наоѓаат слободно паркинг место а ние во дејноста добивме многу поголема функционалност и ефикасност во работата и зголемување на приходите од наплатата на паркинг позициите„- Стефановски.

Тој истакна дека на терен работат со две возила кои патролираат и ги отчитуваат сообраќајните таблички во најголем дел од предвидените позиции за паркирање, а дел од позициите се покриени од контролори за паркирање, и на овој начин, во целост ги исполнуваат нивните потреби од брзо и ефикасно организирање на работните активности.

„Иако наплатата на паркирањето во општина Штип е во функција и задолжителна од 2010 година ,воведувањето на новиот систем ни донесе фрапантни анализи, за дваесетина денови активна работа имаме над 12.000 евидентирани прекршоци со неплатено или непрописно паркирање, а оваа бројка во првите денови достигнуваше над 1000 возила на дневна основа, за понатаму да имаме тенденција на намалување на прекршоците при редовните контроли. За целиот овој период во најголем дел поставувавме опомени на возилата, за граѓаните да не се изложуваат на дополнителни трошоци од санкции, бидејќи наша цел не е да санкционираме, туку да воведеме ред и да создадеме фер, еднакви и неселективни можности за паркирање за сите граѓани.“- Стефановски.

Тој на денешната прес-конференција рече дека од денес завршуваат со опоменување и неселективно ќе се санкционираат сите возила, без исклучоци.

Дајана Сандева, М-Нет