Јорданов: Штип годинава ќе изгледа како градилиште, ќе се инвестираат рекордни 300 милиони денари

Штип годинава ќе биде градилиште, рече градоначалникот, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција. Тој посочи дека оваа година Општината ќе инвестира голема сума на пари за подобрување на патната инфраструктура и модернизација на градот. Презентираше дел од улиците кои оваа година ќе бидат реконструирани или ќе добијат асфалт.

„Со реконструкција на повеќе од педесет улици, меѓу кои се улицата „Панко Брашнаров“, улици во населба Три чешми, улиците „АСНОМ“, „Рудо“, „Христијан Карпош“, „Коле Неделковски“, пристапни улици во населбата Плуждино, асфалтирање на ул. „Брегалничка“ во населба Македонка, краци од улици во населба Железничка, асфалтирање паркинг-простор на улица „Пиринска“, асфалтирање и рехабилитација на улиците „Мирче Ацев“, „Загребачка“, „Трајко Кошевски“, „Широк дол“, реконструкција на улици „Сутјеска“, „Цвета Јованова“, „Страшо Пинџур“ и „Тодор Коларов“, рехабилитација на улиците во рамки на Клиничката болница – Штип, улицата „4 Јули“, улици во населбата „Балканска’“, вели Јорданов.

Ќе следува и реконструкција на тротоарските површини во рамки на овие улици. Јорданов вели дека ќе се реши и проблемот со старата подземна инфраструктура, бидејќи паралелно ќе се работи и на водовод и канализација. Посочи и на некои од проектите кои ќе придонесат за модернизација.

„Се работи на урбанизирање на одредени делови на градот коишто во изминатите години биле запоставени, руинирани. Се прават паралелно детални урбанистички планови за урбанизирање на неколку локации во централното градско подрачје со нови, модерни објекти коишто ќе наликуваат на едно модерно, урбано живеење“, додава Јорданов.

Тој рече оти оваа година ќе се инвестираат повеќе од 300 милиони денари преку ставката капитални расходи, што е историски најмногу. Според него, Штип треба да го задржи угледот како центар на Источна Македонија и тоа, вели тој, ќе се потврди со овие проекти.

Ребека Спасова М-Нет