Тротоарско решение и столпчиња на ул. „Васил Доганџиски“ со цел заштита од непрописно паркирани возила

Возилата паркирани по тротоарите на улицата „Васил Доганџиски“ во Штип добија блокатори, оти и утринава не беа прописно паркирани. Оваа слика е секојдневие во Штип, а конкретно за локацијата зад училиштетото „Ванчо Прке“ реакции од тамошните граѓани пристигнуваат постојано. Велат дека возилата се паркирани на простор каде треба да се движат пешаците, па загрозени се сите учесници во сообраќајот. Реакции постојано пристигнуваат и до ЈП „Стипион“. Директорот Панче Стефановски вели дека ќе се работи на уредување на тротоарските површини.

„Ние сме информирани со ситуацијата на улицата „Васил Доганџиски“, тоа е локацијата позади училиштето „Ванчо Прке“. Овде често сме сводци на непрописно паркирани возила и имаме големи реакции од месното население. Немавме услови до сега да реагираме по овие пријави и да поставиме заштитни столпчиња бидејќи практично нема каде да се постават. Затоа во тек е изработка на план за тротоарско решение за конкретната локација и откако ќе се уреди тротоарското решение ќе се постават и заштитни столпчиња.“ – вели Стефановски.

Во меѓувреме не само на посочената локација, екипите на ЈП „Стипион“ постојано се на терен и се спроведуваат акции за подигање на свеста кај граѓаните. Во соработка со сообраќајната полиција, се поставуваат и блокатори за непрописно паркираните возила по тротоарите и коловозите. Стефановски апелира граѓаните да бидат одговори и да паркираат на места за таа намена.

„Апелираме до возачите да ги користат обележаните позиции за паркинг, да не паркираат несовесно, бидејќи на тој начин го загрозуваат движењето на пешаците“ – додава Стефановски.

Проблемот со непрописно паркирање стои и на автобуските постојки, каде постојано има возила. Со цел зголемување на бројот на паркинг места во централното градско подрачје во Штип, паркинг простор ќе има на стариот градски пазар, а ќе се гради и дополнителна платформа.

Лаура Стојанова М-Нет