
На Јорданов и ДПМНЕ очигледно им стана пракса да се сликаат пред проекти од централната власт, но тоа не изненадува оти немаат започнато ниту еден свој капитален проект, реагираат од ОО СДСМ Штип во врска со вчерашната прес-конференција, кога Општина Штип предложи сама да ја заврши изградбата на затворениот базен во Штип. Од таму велат дека Јорданов треба да одговори на граѓаните до каде оди неговото лицемерие и колку пресови држеше за базенот за кој тврдеше дека нема никогаш да се изгради.
„За проект кој постојано го исмејуваше, базенчето на Сутлакот како што го нарекуваше, сега се нуди да го доизгради, а истиот знае дека веќе се надминати сите правни пречки за негово завршување. За Јорданов најдобро би било својот ПР да го градите на чистотата во градот и обезбедувањето на вода за пиење бидејќи се покажа дека изградбата на капитални објекти за оваа локална власт се голем залак. Јорданов нека се фотографира пред „спомениците“ на владеењето на ДПМНЕ како што е најскапата „жардињера“ и „првокласниот“ мермер на градскиот плоштад, „беспрекорната“ фонтаната која „свири“ по нотите на МАКФЕСТ, „реконструираното“ игралиште во населбата Балканска кои се доказ за лошото владеење на ДПМНЕ.“ – стои во писмената реакција на ОО СДСМ Штип.
Според нив, проблемите се надминати благодарение на централната власт, до обезбедени средства за завршување на овој проект, а истиот ќе биде пуштен во употреба најдоцна до крајот на оваа година. Велат дека затворениот базен е дел од проектот за изградба на 14 пливачки базени низ државата кој започна во 2020, а поради корона кризата, порастот на цените на репроматеријалите и проблеми со кои се соочи изведувачот, рокот за конечна реализација беше пролонгиран.
Ребека Спасова М-Нет