Браната Гратче е на прелив, кај Калиманци нема опасност – ситуацијата се следи

Браната Гратче е на прелив, Калиманци на 45 сентиметри до прелевање. Од кочанската подружница на АД „Водостопанство“ велат дека и кај двете брани има тенденција на опаѓање на нивото, што значи дека нема опасност. Во текот на вчерашниот дек Регионалниот ЦУК во Штип извести за зголемување на дотокот, поради што апелираа на внимателност и подготвеност. Ситуацијата и денес будно се следи.

„Калиманци нема опасност затоа што е 45 сантиметри до прелив. Значи, тенденција е на намалување уште, таму нема опасност од прелевање. Ние го контролираме дотокот преку Хидроцентралата, планираме уште да го симнеме нивото на водата. Прелевање од Калиманци тешко дека ќе има, не дај Боже, некои ептен екстремни врнежи. Во оваа ситуација безбедноста е сигурна. Гратче ни прави малку проблем. Вчера беше под кубик некаде на прелив, има тенденција на опаѓање“, вели Благојчо Богатинов, директор на АД Брегалница – Подружница „Водостопанство“.

Со тоа зголемен е и водостојот на реките Кочанска и Оризарска, но и таму не би требало да има некакви проблеми, иако во вчерашното предупредување стоеше дека се можни излевања во долниот тек на реките и поплавувања на земјоделско земјиште, а и дворови во селата низводно.

„Пред една седмица имавме пет кубика на прелив, тоа е едно мало излевање. Меѓутоа немаше некои поголеми штети, мислам дека нема да има проблеми. Кочанска река ја контролираме преку акумулацијата Градче, таму имаме целосна контрола. Не може да ги земеме обѕир овие суводолици коишто доаѓаат, меѓутоа и таму имаме некоја ориентација. Мислам дека нема да има проблеми“, додаде Богатинов.

Од Подружницата „Брегалница“ апелираат граѓаните да внимаваат, а ако има поплави да ги информираат нив и надлежните институции како Центарот за управување со кризи. Велат дека реагираат со нивна механизација секаде каде што има потреба.

Ребека Спасова М-Нет