
Црн биланс од сообраќајот во изминатото деноноќие. На територијата на целата држава, полициските службеници лишиле од слобода 15 лица поради сомнение дека сториле кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ според член 297-а од Кривичниот законик.
Најголем дел од случаите се поврзани со управување возило без возачка дозвола. Осум лица биле затекнати без дозвола, меѓу кои и четворица малолетници.
Четири лица управувале под дејство на алкохол, едно лице возело и покрај активна забрана за управување, додека едно лице истовремено управувало без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Дополнително, едно лице било затекнато како управува под дејство на алкохол, а притоа имало и активна забрана за управување со моторно возило.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите, да не седнуваат зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол или доколку имаат изречена забрана за управување.
Одговорното однесување на секој поединец е од клучно значење за безбедноста на сите учесници во сообраќајот.