
Ако Министерството за транспорт и врски не ги асфалтира улиците „Браќа Даневи“, „Петти конгрес“ и „Солидарност“ во населбата Автокоманда, Општина Штип ќе распише нов тендер и сама ќе ги асфалтира. Градоначалникот Јорданов вели дека министерот Бочварски на овој начин не ја кочи, туку ја мотивира локалната власт, а ги казнува граѓаните на општина Штип. Ваква навидум „помош“ на градот не му треба, заклучува Јорданов, посочувајќи дека Општина Штип има само огромни финансиски штети од централната власт.
„Дефинитивно, граѓаните на општина Штип немаат привилегија, затоа што имаат министер за транспорт и врски, туку се оштетени. Се закочени сите проекти коишто се поврзани со централната власт само затоа што граѓаните на општина Штип имаат градоначалник којшто не е од редовите на Социјалдемократскиот сојуз. Апелирам до Министерството за транспорт и врски, доколку во наредните денови не ги изасфалтираат овие улици што се нивна обврска, затоа што како што напоменав, претходно Општина Штип си ја заврши својата обврска и улиците веќе подолг временски период се приспособени за асфалтирање, ние како Општина ќе бидеме приморани да распишеме нов тендер, да го раскинеме договорот, односно да го прекинеме проектот, да распишеме наш тендер за да ги изасфалтираме улиците“, посочи Јорданов.
Јорданов објасни дека неколкупати комуницирале со Министерството за транспорт и врски, со претставници од Светска банка и со фирмата-изведувач која добила на тендерот распишан од страна на Министерството. Одговорот секогаш бил дека асфалтирањето ќе се реализира во наредните неколку дена, но од тоа нема ништо. На ова реагираа од Министерството, од каде велат дека доцнењето е по вина на нереализираниот градоначалникот, кого го повикуваат да решава суштински проблеми и да не ја меша политиката во инженерската струка.
„Да појасниме, Надзорниот орган на градилиштето кој е овластен да даде налог за работа на секоја следна фаза во работата, во вакви временски услови со ниски температури и влажност и мрзнење на коловозната конструкција не дозволува поставување на асфалт, бидејќи во такви околности улицата ќе биде неквалитетна и брзо ќе настант деформации и оштетувања. Градоначалникот да им се извини на штипјани и да ја информира јавноста дека овој проект ќе беше завршен пред почетокот на зимските месеци доколку општината си ги завршеше навреме обврските со подземната инсталација. Министерството за транспорт и врски беше подготвено да ја започне реконструкцијата на улиците уште во месец јуни, но поради доцнењето на Општината со подземната иснталација, реконструкцијата започна дури четири месеци подоцна. И за тоа вината ја има градоначалникот и општина Штип. “
Со реакција и од ОО на СДСМ Штип велат дека секој важен капитален проект за Штип е финанасиран и целосно изготвен од страна на Владата предводена од СДСМ и Министерството за транспорт и врски.
„За потсетување во Штип се реализираа повеќе проекти меѓу кои: реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“, во висина од 50 милиони денари, ул. „Панче Караѓозов“, во вредност од близу 10 милиони денари, раскрсница во нас. Сењак со вкупна вредност од 11 милиони денари, пешачките конзоли во висина од 9 милиони денари, почеток на градба на брана на река Отиња, со инвестициона вредност од 306 милиони денари, 100 милиони евра инвестици во изградба на модерни експресни патишта, од кои експресен пат Штип – Радовиш со 64 мил. евра, експресниот пат Штип – Крупиште – Кочани со вкупнa инвестиција од 38,5 мил. денари, како и изградба на водоводен систем во населба Македонка и други проекти.“ – стои во писменото соопштение од ОО СДСМ Штип.
Ребека Спасова М-Нет