Шумско-полициската станица во Штип доби нова опрема од Италијанската амбасада

Униформи и опрема, донација од Италијанската амбасада, денес беа врачени на шумските полицајци од шумско-полициската станица во Штип. Опремата лично им ја врачија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, Амбасадорот на Република Италија, Н.Е Андреа Силвестри, и Војниот аташе за одбрана на Италија, г-дин Стефано Анџиони, во присуство на раководителката на Секторот – шумска полиција, Аница Симеоновска, и командирот на шумско-полициската станица, Горан Трајков.

„Постапката за оваа огромна донација започна во декември 2017 година, пратката пристигна кај нас летото 2022, а по завршените административни процедури, започна нејзино распределување до шумско-полициските станици низ целата држава. Вкупната бројка на донираните униформи и друга опрема е околу 46 000 парчиња, во вредност од 4.2 милиони евра. Донирани се летни и зимски униформи, мантили, летни и зимски кошули, волнени џемпери, чорапи, маици, елеци, капи, високи и ниски чизми, спортски обувки, ранци, кабаници за дожд и друга дополнителна опрема за терен. Дел од опремата и униформите за Шумската полиција, може да биде наменета за територијалните противпожарни бригади, полицијата, армијата и дирекцијата за заштита и спасување, со оглед на тоа што донацијата е во огромни количини и содржи и противпожарна опрема, огноотпорни чизми, панталони и ракавици.“

Министерот Николовски упати голема благодарност до италијанскиот амбасадор и карабинерите на Република Италија, искажувајќи почит и надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.

Минатата година, од буџетот на МЗШВ, нашите шумски полицајци за прв пат после 13 години добија по два сета зимски и летни униформи и чизми, во вредност од околу 15 милиони денари. Сега, преку донацијата на италијански карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена со сè што е потребно за нивно непречено извршување на задачите во бескомпромисната борба против организираниот криминал и нелегалната сеча.

Ребека Спасова М-Нет