Штип одбележа 25 години од загинувањето на бранителите Петров и Двојаковски во 2001 година

Со едноминутно молчење, положување свежо цвеќе и пораки на почит, Штип ја одбележа 25-годишнината од трагичната смрт на бранителите Димитар Двојаковски и Влатко Петров.

Претставници на нивните семејства, од локалната самоуправа, политички партии, здруженија и граѓани оддадоа почит на прерано загинатите херои од конфликтот во 2001 година. Споменот за нив, велат присутните, останува жив и траен.

,,На 2 мај, ден пред трагедијата од позициите кај селото Ваксинце се јавил дома и најавил дека ќе користи викенд одмор, тоа биле неговите последни зборови со најблиските. Зад себе остави сопруга и едногодишен син. Во истиот трагичен настан, животот го згуби и Влатко Петров.“, велат граѓаните

Пораките од одбележувањето беа дека жртвата на бранителите не смее да се заборави, бидејќи тие загинаа за Македонија.

,,Споменот живее како заклетва. Тоа не е само чин, туку доказ, дека братството и споменот се посилни од времето. Сведочиме дека тие што го дадоа животот за Македонија, не се заборавени и нема да бидат.“, додаваа тие

Димитар Двојаковски е роден на 22 април 1972 година во Нова Горица, Словенија, а неговото семејство потекнува од Берово. Влатко Петров е роден на 23 јули 1977 година во штипското село Чардаклија.

И двајцата ги загубија животите на 3 мај 2001 година во кумановското село Ваксинце.

Нивното дело и жртва остануваат вечно врежани во колективната меморија.

Иван Митев, М-Нет