Штипскиот каратист Марко Џорлев со две злата на „Дојран Опен“

Младиот штипски каратист Марко Џорлев продолжува да ги собира златните медали на настаните каде тој ќе земе учество, а последниот негов настап на „Дојран Опен“ донесе две злата за овој млад успешен каратист, кој е голем талент.

Џорлев кој е член на карате клубот Штип, освои златен медал во неговата категорија кадети минус 63 килограми каде забележа три победи за да стигне до златото. Триумф против двајца натпреварувачи од Македонија и победа над натпреварува од Бугарија.

Џорлев настапи и во една повозрасна категорија односно во јуниори минус 61 килограм каде исто така стигна до златото, а до истото следуваше тешка борба со натпреварувач од Бугарија, во финалето Џорлев победи со резултат од 3:0.

Инаку, на „Дојран Опен“ се натпреваруваа каратисти од Македонија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Покрај Џорлев, успешни настапи имаа и останатите каратисти на карате клуб Штип, а од Дојран во Штип, се вратија со десетина медали, а тоа ќе биде мотив повеќе во иднина за уште поголеми резултати.

Александар Ванев, М-Нет