
Третолигашот Карбинци заокружи успешна сезона во Трета лига – Исток, откако сезоната ја заврши на петото место со 24 бодови, но бодовно беше блиску од второто место, бидејќи Брегалница од Делчево заврши како втора со 30 бодови, Хоризонт Турново трет со 26 бодови, а пак Овче Поле беше четврти со 25 бодови.
Клубот зад себе имаше успешна сезона, далеку подобра од претходната, а се покажа и како одличен организатор и домаќин во Купот на Македонија.
„Јас ќе го погледнам градоначалникот којшто на последниот натпревар на екипата против Светлост од Зрновци, кажа дека ќе продолжиме и дека сакаме да постигнеме нешто повеќе освен петото место. Следите и вие да го имавме тој успех кој што го имавме во пролетниот дел, да го имавме и во есенскиот дел, ние веројатно ќе бевме рамо до рамо со Слога од Виница. Имаме малку малер на некои натпревари. Направивме една компактна екипа која што ветува многу, пред се морам да кажам дека направивме услови со кои што не можат да се пофалат многу екипи од Третата лига, управа, организација, помош од локалната самоуправа, нешто што навистина е ветувачки, терен кој што е навистина одличен, екипа која што во два наврати во Купот на Македонија, ретко која екипа го прави тоа, мислам дека имаме добра иднина“, вели Тони Михаилов од упраата на ФК Карбинци.
Како што вели Михаилов екипата на Карбинци изненадила во пролетниот дел од сезоната која заврши, а очекува да изненади одново во новата сезона.
„Морам да кажам веднаш и да го искористам оваа за апел, бидејќи еве овде на турнирот во Таринци имаме голем одзив од спонзорите од лица поединци и во оваа насока сакам да кажам само со помош од локалната самоуправа ќе бидеме тука некаде ќе се одржуваме, доколку сакаме нешто повеќе ако имаме поддршка од бизнис секторот од спонзори навистина Карбинци ќе може да има екипа што ќе изненади како што изненади оваа пролет, така од есен се надеваме на уште подобри резултати“, вели Михаилов.
Карбинци размислува и за пласман во Втората лига, како што вели Михаилов имаат услови но недостасува само многу поголема финансиска поддршка од спонзорите, бидејќи веќе имаат поддршка од локалната самоуправа.
„Сетоа тоа зависи навистина од помош од спонзори, ништо не е неостварливо и тоа би било една историја за Карбинци да се натпреварува во Втора лига, а не е толку далеку од реалноста. Меѓутоа треба д се поклопат многу коцки, имаме многу услови недостасува само многу поголема финансиска поддршка од спонзорите, локалната самоуправа веќе ја имаме, така да тоа е порака до доколку има заинтересирани ние навистина ветуваме дека многу лесно би можеле да дојдеме макар до бараж, да се надеваме дека догодина нема да има бараж бидејќи се виде оваа година колку се бесмислени баражите“, дополнува Михаилов.
Фудбалскиот клуб Карбинци во сезоната која заврши имаше учинок од шест победи, шест ремија и шест порази со постигнати 27 погодоци, а примени 26 гола со 24 бодови на своето конто и освоено петто место.
Александар Ванев, М-Нет