
Утре е Пречиста – Воведение на Пресвета Богородица во храмот, еден од дванаесетте големи христијански празници. Празник со длабока духовна симболика, особено почитуван меѓу жените и младите мајки, кој потсетува на силата на молитвата, исполнетото ветување и важноста од правилното воспитување на децата.
Според црковното предание, праведните Јоаким и Ана, по долгата молитва за рожба, ѝ ветиле на Бога дека своето дете ќе му го посветат на служба. Кога Марија наполнила три години, тие ја поведеле од Назарет кон Ерусалим во свечена поворка, предводена од девојчиња во бело и придружувана – како што вели преданието – и од ангели.
На влезот од храмот ја пречекал првосвештеникот Захарие и, на општо изненадување, ја внел малата Марија во најсветиот дел – Светињата на светиите. Токму овој чин е основата за денешниот празник, што Црквата го востановила во спомен на воведувањето на Пресветата Богородица во храмот.
Покрај духовното значење, празникот и денес носи силна порака – потсетник за улогата на родителите во воспитувањето на своите деца, во пренесувањето на вредностите на верата и заштитата од современите предизвици што ја засегаат младината.
Иван Митев, М-Нет