Успешно заврши Светскиот шампионат во Италија за македонскиот пица тим, трето место за тетовец

Македонскиот пица тим со солидни резултати се враќа од Светскиот шампионат во Римини, Италија. Третото место му припадна на Хисен Таири од Тетово, кој беше еден од петте члена на македонскиот тим. Тој наградата ја доби во категоријата „пица и пиво“. Меѓу членовите имаше и уште еден учесник од Тетово, по еден од Кавадарци и Куманово, а во Римини замина и штипјанецот Мартин Александров. Тој од таму се враќа со големо искуство.

„Ја претствувам Македонија на Светскиот шампионат за пица во Римини. Се надевам на добар резултат. Сето ова беше овозможено со голема поддршка на маестро Зоран Јовановски“, вели штипјанецот Мартин Александров.

Македонскиот тим, за жал, годинава беше преполовен поради проблемот со личните документи, сепак менторот, Зоран Јовановски е задоволен од македонските учесници кои се натпреваруваа во неколку категории. Посочи дека целта е ваков натпревар да биде организиран и во Кочани.

„Задоволен сум од мојот тим. Целите кои ние како македонски тим ги имавме за овој Светски пица шампионат се исполнети. Нашиот стремеж за идната година е да организираме интернационален пица шампионат во Кочани. Сметам дека постигнавме успех и најдобро ја претставивме Македонија. Членовите на нашиот тим имаа можност да соберат искуство од врвни пица мајстори од целиот свет.“ – вели Зоран Јовановски, ментор на тимот и член на жири-комисијата.

Пица-мајсторот Зоран Јовановски и неговата сопруга Елизабета втора година по ред се дел од жири-комисијата, каде се судии во друштво со најголемите италијански и светски пица-имиња. Светскиот шампионат во Римини траеше од 18 до 21 февруари, а учествуваа околу 600 натпреварувачи.

Ребека Спасова М-Нет