
Недостатокот на работната сила е најголемиот проблем на македонското стопанство, вели дополнителната заменичка во Министерството за финансии, Елена Петрова. Таа денеска од средбата со стопанственици, која се одржа во Штип, посочи дека за решавање на овој проблем потребно е да се преземат мерки кои и излегуваат од економскиот опфат, такви што за кратко време ќе го намалат продлабочувањето на проблемот.
„По сите согледувања, произлегува дека проблемот со работната сила е најгорливиот проблем, бидејќи не може да се зборува за ревитализација на капацитети, за зголемување на продуктивноста и слично доколку нема работна сила и тој проблем излегува дури и надвор од економските мерки. Потребни се мерки и во делот на образованието, во делот на демографската политика, тие мерки треба да бидат, можеби, среднорочни, но мора да се преземат и побрзи мерки со цел да се спречат понатамошниот пад и проблеми во тој дел“, вели Елена Петрова, дополнителна заменик-министерка за финансии.
За штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, пак, проблеми се и корупцијата и нефункционалноста на институциите. За овој дел Јорданов вели дека мора да се заинтересираат сите носители на функции, со цел сопствениците да ја развиваат македонската економија и овде да отвораат работни места.
„Големото ниво на корупција, нефункционалноста на институциите и овде заеднички мораме да направиме исчекор, вклучувајќи се и себе како градоначалник, како носител на функција којашто управува со институции под Локална самоуправа. Мораме да го подобриме нивото и да бидеме сервис кон сопствениците на капитал доколку сакаме тие овде да останат, овде да генерираат приход и овде да отвораат работни места“, вели Јорданов.
Петрова и Јорданов посочија дека ваквите мерки мора да се вклопат во економската платформа за да се стабилизира државата, да се активираат институциите, а со тоа да се одржат постоечките работни места и да се отворат нови.
Ребека Спасова М-Нет