Темни улици за жителите на М. Каменица, градоначалникот вели – проблемот е наследен

Темните улици во вечерните часови – проблем за жителите на Македонска Каменица. И тоа мрачни се улиците во централното градско подрачје. Сѐ почести се реакциите на граѓаните кои во по улиците во општината се движат во мрак. Проблем со јавното осветлување е причината за истите, меѓутоа градоначалникот, Димче Атанасовски, вели дека станува збор за наследен проблем. Додава дека решение има, а од нивна страна во најкраток можен рок ќе се преземат активности за да се реши проблемот и веќе во наредната недела темните улици ќе бидат трајно минато за каменичани.

„Проблемот околу јавното осветлување не само во централното градско подрачје, туку и во поголем дел од Стара Каменица, е наследен проблем. Проектот и договорите се склучувани од претходната власт и моментално нашите екипи се на терен, ја утврдуваат ситуацијата. Значи, во најбрз можен рок ќе бидат санирани тие проблеми. Запознаени сме, дефиниран е проблемот и детектирани се местата каде што нема осветлување, во текот на наредната недела ќе бидат тие проблеми решени. Ќе ангажираме специјална фирма којашто ќе го отстрани тој проблем“, рече Атанасовски.

Според првиот човек на рударскиот град во Истокот ваквите и слични проблеми се дело на претходната власт. Од таа причина, тие како нова власт ќе работат на нивно решение, па и овој проблем, кој е во полза на безбедноста на граѓаните, ќе биде решен во текот на наредната недела. За решавање на овој проблем ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, меѓутоа Атанасовски не даде конкретен одговор колку точно се потребни.