
Марула, зелка, карфиол, овошје и по некоја сува овошка останата од празниците можеше да се најде по тезгите во речиси празниот пазар во Штип. Постпразнично со малку купувачи, но и малку продавачи. Дел од граѓаните кои ги затекнавме таму сметаат дека причината е студеното време. Иако, по празниците се со помалку финансиски средства, велат дека мора нешто да се купи и јаде, па сега ги земаат само најосновните производи.
Цените за сечиј џеб беа различни, сепак голем дел од граѓаните сметаат дека нема промена во цените споредбено со претходните пазарни денови. И пред празниците и по празниците цените биле речиси идентични. Како што велат тие, стандардот е висок, а платите ниски, но како и секој петок, така и овој дошле да купат нешто најосновно, пред сѐ овошје и зеленчук за салата.
На пазарот производители и продавачи имаше претежно од Штип. Повеќето од оние кои се од околните градови, а кои секој петок беа на тезгите, овојпат не дошле. Иако мал број тезги беа полни со производи, сепак оние на кои не им пречеше студеното време можеа да си ги дополнат залихите од овошје и зеленчук кои ги потрошиле за празниците.
Ребека Спасова М-Нет