
Женската екипа на УГД Студент во Штип интензивно во спортската сала Јордан Мијалков се подготвува за пролетниот дел во Супер одбојкарската лига на Македонија. Според зборовите на Секретарот Методи Папаров женските „студентки“ во пролетниот дел ќе се борат во групата за пласман од 7 до 14 место. Екипата е составенa од исклучително млади и мошне талентирани девојки од кои би ја издвоиле Мила Вакувска која е постојан член на македонската репрезентација У – 19 која ќе настапи на ЕП 2022 година што ќе се одржи во Скопје. Има уште неколку одбојкарки на поширокиот список чија игра селекторот во континуитет ќе ја следи и ќе бидат идни потенцијални репрезентативки. Првенството во Супер одбојкарската лига – жени ќе започне на 8 февруари и во првото коло тимот на УГД Студент ќе гостува на Ускана во Кичево.

Со свои подготовки за пролетниот дел Супер машката одбојкарска лига на Македонија започна и машката екипа на Штип УГД која подготовките ги одвива исто така во спортската сала Јордан Мијалков. Најавени се и неколку контролни средби до почетокот на пролетниот дел во кој штипските одбојкари ќе се борат во групата за пласман од 5 до 10 место. И машката екипа располага со раскошни и „кршни“ таленти кои чукаат на портите на македонските селекции и од кои се очекува успешно продолжување на штипската славна одбојка. Пролетната полуетапа ќе започне на 8 февруари и во првото коло Штип УГД ќе гостува на Шкендија во Тетово која е главен конкурент на штипјани за 5 место. Новитет во македонската одбојка за пролетниот дел ќе биде продолжувањето на Младинските лиги во машка и во женска конкуренција кои поради пандемијата не се одиграа во есенскиот дел. Токму овде меѓу младинските екипи штипската одбојка ги има најперспективните таленти од кои се очекува висок пласман во нивните категории.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk