Јован Јованов и Елвир Мекиќ доаѓаат на „Штипска Пастрмалијада 2026“

Програмата за годинашното издание на „Штипска Пастрмалијада“ станува сè побогата. Покрај веќе најавениот настап на регионалната музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, Општина Штип откри уште две познати имиња кои ќе бидат дел од големата музичка програма.

На 19 септември, на Градскиот стадион во Штип, заеднички концерт ќе одржат Јован Јованов и Елвир Мекиќ, автори и изведувачи кои оставија препознатлив белег на македонската музичка сцена.

Јованов и Мекиќ повторно ќе застанат заедно на сцената, а штипската публика ќе има можност да ги слушне хитовите што одбележаа еден период од домашната музичка сцена. За настапот во Штип се подготвува и посебна заедничка музичка и сценска програма.

Од Општина Штип најавуваат вечер исполнета со добро познати рефрени, силна музичка енергија и одлична атмосфера.

Со нивното приклучување кон веќе најавените изведувачи, постепено се комплетира музичката програма за „Штипска Пастрмалијада 2026“, која и годинава треба да донесе голем број посетители во градот.

Настапот на Јован Јованов и Елвир Мекиќ е закажан за 19 септември на Градскиот стадион во Штип.