
На предупредувачки протест излезе денеска судската администрација. Истиот беше во организација на Независниот синдикат на судска администрација и Здружението на судска администрација, кои бараат да се вратат додатоците на плата, како и да се донесе новиот Закон за судска служба.
„Ние под итно ќе побараме да ни се вратат додатоците на плата до 35% и да се донесе новиот Закон за судска служба, кој веќе една година се одолговлекува. Јас учествувам во тој закон и не гледам крај, така што бараме под итно да се донесе. Додатоците да ни се вратат, тие се од судскиот буџет, не се од Министерство за финансии, бидејќи ние судскиот буџет го полниме од паушали. Како има пари за 78% за функционери? Европски плати за нив, и за нас“, вели Јасмина Величкова, претседател на Судска служба на Македонија.
Од Здружението велат дека на овој начин го изразуваат незадоволството од одлуката на Судскиот совет да се одбие барањето за исплата на најмалку 25% додатоци на плата на судска служба.
„Освен што се одби барањето, беше донесена и Одлука со која се одбиваат додатоци за месец мај од 2023 година. Ова незадоволство го искажуваме затоа што 90 отсто од вработените во судската служба се на работ на егзистенција. Просечната плата е 25.000 денари, додека потрошувачката кошничка на четири члено семејство за мај е 50.000 денари“, вели Рената Ѓоргиевска, потпретседателка на Здружението на судска администрација.
Бараат надлежните органи во Судскиот совет да се координираат и да ги обезбедат средствата за исплата, а доколку не им се исполнат барањата, најавија по неколкучасовни протести во сите судови низ државата, а подоцна и штрајк.
Ребека Спасова М-Нет