
Нова италијанска технологија ќе се применува за санација на ударните дупки низ штипските улици. Станува збор за техника која подразбира употреба на изгребен асфалт, што значи рециклирање на материјали. Технологијата денеска првпат се користеше во државава, а досега има неколку примери во Србија и европските земји.
„Се работи за употреба на 100% изгребен асфалт на ладно, со додаток на само еден адитив т.н. рејвинатор кој го оживува битуменот од стариот асфалт и овозможува повторно на ладно да се вгради оваа технологија. Може да се користи за активности на санација, поправање на ударни дупки, може да се користи за изградба на пешачки патеки, велосипедски патеки. Ова е технологија која лесно може да се бои со додаток на соодветен пигмент, така што може да добиеме и еколошки асфалт кој се изработува од 100% изгремен асфалт на ладно во боја“, истакна Зоран Крушиќ, претставник од Белград на италијанската фирма „Интеркимика“.
Професорот Горан Мијоски на скопскиот Градежен факултет вели дека користењето на ваквата технологија е во чекор со европските трендови на зачувување на природата, а е доста едноставно, брзо и лесно. По подготовката, материјалот се поставува исто како и типичен асфалт. Во случај на санација на ударни дупки, прво треба истите соодветно да се подготват и да се исчистат, па масата да се нанесе мануелно, а потоа и да се израмни механички.
„Ова е по ладна постапка и во суштина ова конвергира со настојувањата и на Европската комисија и на Европската асоцијација за коловози, за примена на рециклирање на материјалите, затоа што ништо во природата не е неограничено. Тенденциите на Европа во моментов се тоа, рециклирање на материјалите, намалувањето на емисијата на штетни гасови во природата со вакви ладни постапки, така што и ние одлучивме да направиме чекор со светот и првпат да ја примениме оваа технологија“, истакна Горан Мијоски, професор на Градежен факултет – Скопје.
По Штип технологијата би се користела и на други места, со тоа што ќе се следи колку истата е погодна и дали ќе ги покаже резултатите како и во другите европски држави.
Ребека Спасова М-Нет