Станот на Мики Ли во катастрофална состојба, неопходно е негово чистење и реновирање

По приказната за Мики Трајчев познат за штипјани како Мики Ли, човекот кој живее под отворено небо, без барем еден топол оброк во текот на денот, и кој побара од хуманите граѓани, но и од институциите решавање на неговото станбено прашање денес се огласи и неговиот внук.

Пред една недела имав лична средба со Градоначалникот на Општина Штип, др. Сашко Николов, на таа средба се разговараше за станот и да се реши проблемот со Мики. Тука има заостанати сметки каде градоначалникот ми кажа дека не е надлежен. Поминавме на вториот предлог што му го предложив на градоначалникот да се пушти екипа од ЈП „Исар“ за да се исчиси станот“ – кажа Радослав Трајчев, внук на Мики Ли.

Станот на улица „Сајбие Демир“ во Штип кој му е доделен на користење на Мики Трајчев е во катастрофална состојба. Од неговото палење до денес се нема променето ништо. Станарите исто така се жалат на неподнослива смрдеа и грда глетка барајќи негово чистење.

Мики Ли моментално живее во негов импровизиран дом, направен до дрво, под отворено небо. Зошто е тоа така, и дали има простор да му се помогне одговор побаравме и од директорот на Претпријатието за стопанисување со станбен и деловен простор, Боро Димков.

„Според наша евиденција Мики Трајчев, познат како Мики Ли е сеуште корисник на стан од државна сопственост на ул.„Сајбие Демир“ и тоа стан од 52 метри квадратни со подрумот 64 метри квадратни. Ние не сме ни имале сознание дека тој не живее во станот од само нему познати причини. Во текот на овие две изминати години повеќе пати е известуван да дојде. Точно е дека станот е руиниран, но од нивна страна. меѓутоа тој не се одзева на ниту една наша покана. Инаку, имаме ние повеќе алтернативни решенија, но треба само неговата добра волја и добра желба дури стоеме на располагање да го замениме да му дадеме друг помал стан во постара зграда со посебен влез и нема да има проблем“ – истакна Боро Димков.

Неговиот внук, бара само Мики Ли да добие соодветен начин за живот, бидејќи и тој е човек кој заслужува да има кров над глава и топол оброк. Оставен на милост и немилост на временските услови тој не може самостојно да се справи со ситуацијата во која живее. Затоа неопходна му е поддршка од сите страни.

Лаура Стојанова М-Нет