ПОЧНУВА НОВАТА БИТКА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИ: Македонија се собра, Гаштаров и Мелиќи со прв повик меѓу најдобрите

Македонската А репрезентација го означи стартот на подготовките за новиот циклус во Лигата на нации. „Црвено-жолтите“ го имаа првиот собир пред серијата предизвици во сегментот Б, каде за противници ќе ги имаат селекциите на Швајцарија, Словенија и Шкотска.

Првиот тест за Македонија следува веќе на 26 септември, кога во Скопје гостува силната селекција на Швајцарија. Три дена подоцна нашите репрезентативци ќе гостуваат кај Словенија, а во октомврискиот дел од циклусот ги очекуваат уште пресметките со Шкотска во Скопје и со Швајцарија во Луцерн.

Меѓу фудбалерите кои први пристигнаа на репрезентативниот собир се и новите имиња во националниот тим. Посебно внимание привлекува 19-годишниот Матеј Гаштаров, кој со добрите настапи во дресот на Црвена звезда се избори за прв повик во А репрезентацијата.

Младиот фудбалер не ја криеше радоста што доби можност да биде дел од најдобрата македонска селекција, нагласувајќи дека со години сонувал за овој момент.

„Многу сум среќен, ова го чекав од дете, сонував за ова многу години. Очекувам да настапам и се надевам на позитивни резултати. Имаме голема почит кон Швајцарија, Шкотска и Словенија, но нашиот тим има голем квалитет. Ќе оставиме срце на терен, како што се очекува од овој дрес“, порача Гаштаров.

Неговите настапи во Црвена звезда и изборениот првотимски статус се резултат на напорната работа во изминатиот период. Гаштаров потенцира дека е подготвен да одговори на задачите на повеќе позиции и да се стави целосно во функција на националниот тим.

Нов лик во репрезентативното друштво е и Анес Мелиќи од Шкендија. И за него првиот повик во А селекцијата претставува голема чест, но истовремено и дополнителна обврска.

„За мене е привилегија да бидам дел од овој тим. Имаме четири многу тешки натпревари, но мислам дека прво треба да мислиме на Швајцарија. Сите знаеме каков противник е. Секоја минута што ќе ми ја даде селекторот ќе дадам максимум“, истакна Мелиќи.

Фокусот на македонските репрезентативци сега целосно е насочен кон првиот предизвик. Швајцарија пристигнува во Скопје на 26 септември, а токму пред домашната публика Македонија ќе ја бара можноста за добар старт на новата кампања во Лигата на нации.