
Вчеравечер во време на полициски час, вистинска драма се случувала во населба „Трајаново трло“ во Кочани. Откако локалното население одлучило само да ја земе правдата во свои раце, и да се пресмета со крадците. Притоа дошло до физичка пресметка, со користење на тврди и остри предмети во кои имало и повредени лица. Стравот кој беше присутен кај граѓаните утринава ги спречи истите своето мислење да го искажат пред камерите. Но напнатоста можеше да се забележи. Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев недостапен за изјава.
„Остро го осудувам инцидентот што се случил во населба „Трајаново трло“ вечерта на 11 април. Кражбите, физичките пресметки и прекршувањето на полицискиот час се казниви дела за кои се одговара. Затоа, очекувам сите надлежни институции сериозно и одговорно да ги сватат своите задачи и обврски и да преземат соодветни мерки со цел граѓаните на Кочани да се чувствуваат безбедно.“ стоеше во писменото соопштение на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Илијев апелираше да престане и говорот на омраза преку социјалните мрежи и да се бара мирно решение за било кој проблем.
Од Општата болница со проширена дејност Кочани, информираат дека синоќа помош побарале три лица. Директорот на кочанската болница Александар Серафимов во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека две од повредените лица биле со повреди на главата а едно лице со исекотици, но по укажаната медицинска помош испратени се на домашно лекување.
Од СВР Штип информираат дека се работи на целосно расчистување и комплетирање на случајот.
Лаура Стојанова М-Нет