
Спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“ се реализира трета година во Штип, идејата за нејзино започнување е на Сојузот на училишен спорт во соработка со одделението за образование при општина Штип.
Оваа спортска манифестација од година во година се проширува со додавање на нови игри односно спортски содржини, а интересот кај учениците е во постојан раст.
„Оваа спортска манифестација дојде во соработка со општина Штип одделение за образование, се договоривме да започне со едни игри за основни и средни училишта. Во првите години започнавме со едни игри и потоа се надополнувавме, а децата потоа се одлучуваа во кој спорт ќе се активираат. Има и помали деца кои преку овие игри го засакуваат спортот, а потоа се одлучуваат да тренираат одбојка, фудбал, ракомет или шах. Ние сметаме дека оваа цел ја исполнуваме, масовноста и децата да бидат опфатени со спорт“, вели Арсов.
Шахот за првпат годинава беше опфатен и интересот за истиот е голем кај учениците, а дополнителна предност е што Штип го има и шаховскиот клуб Нов Напредок, кој има и школа за млади шахисти.
„Ние гледаме дека шахот веќе зема замав во Штип и одливме да го вметнеме и шахот во „Пролетни денови на училишен спорт“, минатата недела имавме натпревари со шахот, имаше доста голем одѕив на основни и средни школи, а интересот е се поголем за овој тип на игра“, дополни Арсов.
Во текот на месец мај ќе се реализираат уште две спортски активности, тоа е велосипедизмот и планинарењето, открива претседателот на Сојузот на училишен спорт на Штип, Зоран Арсов, во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија.
„Планирано е велосипедизмот да биде на пешачката патека, да бидат опфатени сите школи, по неколку велосипедисти. Ќе се изводи една рута, која нема да има натпреварувачки карактер, туку целта е реакреативно. Планинарењето ќе се реализира на планината Плачковица во месец мај. Ќе се одреди една рута со планинарите на планинарскиот дом Вртешка ќе има една заедничка дружба со сите членови“, изјави Арсов во Трибина.
На овој начин на децата им се остава простор за избор кон кој спорт да се насочат, а притоа бенефит имаат и клубовите бидејќи на тој начин имаат можност и за селекција.
„Како и сите градови така и во Штип некако сите дечиња започнуваат со фудбал, сите други спортови малку потешко ги придобиваме децата да почнат да се занимаваат со останатите спортови, не дека нема, со овие активности децата имаат поширок спектар каде да продолжат. Во одбојката има голема заинтересираност, еве и во ракометниот клуб доаѓаат дечиња со интерес за ракометот“, дополни Арсов.
Спортската манифестација „Пролетни денови на училишен спорт“ се реализира само во Штип, истата претставува успешен проект и пример кој веќе буди интерес и во другите градови за негова реализација.
Веќе за следната година како што најави Арсов во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија, за следната година е планирано воведување на нови спортски игри односно вклучување на нови спортови.
Александар Ванев, М-Нет