
Со формирањето на новиот Веслачки клуб Горица Ремо во Охрид повторно започна да се враќа интересот но, не само кај најмладите, туку и повозрансните се заинтересирани за да се запознаат одблиску со веслачкиот спорт.
Веслачкиот спорт во Македонија е застапен од 1932 година, кој што го прави еден од најстарите спортови воопшто во Македонија, меѓутоа, со згаснувањето на најстариот Веслачки клуб Југ-Охрид се направи неколку годишна стагнација на веслањето во Охрид.
Во изјава за телевизија М Нет, Александра Маленкоска, тренер и државен првак по веслање вели дека со формирањето на Веслачкиот клуб Горица ремо повторно се враќа интересот за овој спорт.
„Со формирањето на новиот Веслачки клуб Горица Ремо, повторно започна да се враќа интересот но, не само кај најмладите, туку и повозрансните се заинтересирани за да се запознаат одблиску со веслачкиот спорт. За жал веслањето е застапено само во Охрид, Струга и Дебар. Верувам дека со тек на времето ќе се потрудиме и ќе успееме конечно овој спорт да биде застапен и во другите делови на Македонија каде што има услови, на пример Велешко езеро, Дојран, Козјак“, вели Маленкоска.
Целта е да се доближи спорот до секој еден кој што има желба и волја да научи и да ужива над езерската шир, Охрид има одлични услови за развој на водените спортови, покрај термини за тренинг, ќе има и посебни термини за рекреативци.
„Најидеална возраст за започнување на веслање е од 10 годишна возраст, и најбитното е да знаат да пливаат. Со оглед на тоа колку се децата оптеретени со дигиталната ера, сведоци сме на сe погојазни деца, искривени рбети и не социјализирани деца, жално и погубно за нас како нација. Мора сите заедно од родители. спортски работници, спортисти, Министерство за образование и наука, доктори, да се покрене една масовна јавна кампања и да се направат стратегии за да ги поттикнеме децата да се занимаваат со спорт, макар тоа било и по половина час во текот на денот.“
Маленкоска на 10 годишна возраст започнала професионално да се занимава со веслање и учествува на домашни натпревари, а минатата година беше државен првак во веслање.
„Љубовта кон веслањето ја носам уште од мали нозе, мојата покојна мајка беше најголемиот „виновник“ да се занимавам со овој спорт. Таа беше најтрофејната веслачка во поранешна Југославија и во Македонија, балкански шампион и доста успешен тренер. Секое утро наместо во градинка таа ме водеше во клубот. Лека полека ми ја всади желбата за и јас да почнам да тренирам. Како што растев ги гледав нејзините трофеи и признанија на ѕидот и тоа ми даваше дополнителен мотив да успеам и да се борам. Скоро 2 децении активно се занимавав, каде што многу пати бев државен првак, на меѓународен план речиси секогаш на подиумот. Најдолем успех беше првото учество на женска репрезентација на МК на Светско првенство во 2007 год во Минхен, каде што го освоивме 16 место. Минатогодишниот успех на Државното првенство ми претставува и најдрагата награда во целокупната кариера“, ни изјава Маленкоска.
Веслањето е прилично скап спорт, опремата се состои од кајчиња, кое што секое има свој назив, во зависност од бројот на веслачи. Еден скиф на пример чини околу 10.000 евра, а пар весла околу 500 евра. Додека пак осмерец чини 50.000 евра.
Александар Ванев, М-Нет