
Силното невреме што попладнево го зафати Штип предизвика сериозни проблеми во повеќе делови од градот. Силниот ветер корнеше дрвја, а на неколку локации тие паднаа врз коловозите и тротоарите, отежнувајќи го движењето на возилата и пешаците.
Големо дрво е буквално преполовено и паднато преку патот, при што е блокиран сообраќајот кај катната гаража позади Домот на културата. На терен веќе се излезени надлежните служби за расчистување на последиците.
Покрај силниот ветер, невремето беше проследено и со пороен дожд, што дополнително ги отежна условите за движење низ градот.
До граѓаните се упатува апел за зголемена внимателност, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја и нестабилни објекти и да ги следат насоките на надлежните институции додека трае расчистувањето на последиците од невремето.


