Со тенекија и маша во рака, граѓаните во Штип го најавија празникот Еремија

Со тенекија и маша во рака, граѓаните уште од раните утрински часови го одбележаа празникот Свети Еремија, продолжувајќи ја вековната традиција за бркање на змиите и злите сили.Уште од времето на нивните баби и прабаби, обичајот се изведувал вечерта спроти празникот, како и рано наутро пред изгрејсонце. Според традицијата, повозрасните граѓани ги посетија црквите во Штип, запалија свеќа пред Свети Еремија и се помолија за здравје, среќа и мир.

Граѓаните велат дека некогаш празникот го почитувале и младите, учејќи ги обичаите од своите предци. Денес, според нив, интересот кај помладите генерации е сѐ помал, а старите традиции полека се забораваат.

И покрај тоа што традициите полека исчезнуваат, дел од штипјани и годинава го зачуваа обичајот поврзан со Свети Еремија. Со надеж дека старите вредности ќе продолжат да се пренесуваат на идните генерации, верниците велат дека ваквите празници се дел од македонскиот идентитет и духовното наследство.

Иван Митев, М-Нет