
Кината во Свети Николе, Кочани и Пробиштип полека згаснуваат, со се помал број филмови и проекции, додека Штип останува водечки во источниот регион по број на прикажани филмови, кинопретстави и посетители, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за 2025 година во споредба со 2024.
Во 17 кина низ државата, бројот на кинопретстави е намален за 12,9 проценти. Вкупно биле прикажани 922 филмови, реализирани 12.057 кинопретстави, а евидентирани се 299.560 посетители.
Во источниот регион, во Штип биле прикажани 91 филм со 971 кинопретстава и 9.515 посетители. Во Свети Николе само шест филмови со 679 посетители, во Пробиштип 369, а во Кочани 150.
„Во 2025 година со истражувањето се опфатени 17 кина. Бројот на прикажаните филмови е 922, на кинопретставите 12 057, а бројот на посетителите е
299 560.
Во 2025 година, во споредба со 2024 година, бројот на прикажаните филмски кинопретстави е намален за 12.9%.“, велат од ДЗС
Во целина, бројките покажуваат дека кино-салите во државата бележат пад на активноста во 2025 година во споредба со 2024. Разликите меѓу градовите се сè поизразени – додека во Штип сè уште има најголема посетеност и број на проекции, во Свети Николе, Кочани и Пробиштип кината работат со многу помала програма. Останува прашањето дали овој тренд ќе продолжи и во наредниот период, или ќе се најде начин да се врати интересот на публиката за големото платно.
Иван Митев, М-Нет